#ВоФокус со Дејан Тимковски, директор на продажба и CRM во Инбох

Како дел од тимот на Инбох уште од 2012 година, Дејан Тимковски е еден од првите претставници на брендот Инбох кон бизнис заедницата во Македонија. Меѓу првите кој се соочи со запознавање и едуцирање на бизнисите со потребата и бенефитити од имплементирање на организиран систем за управување со архива и документација. Низ негова призма, се запознаваме подетално со тоа што значи да се биде КЛИЕНТ на Инбох.

1. Како би го дефинирал профилот на клиент на Инбох? Дали има ограничувања во поглед на тоа кој сè би можел да биде клиент? 

Тимковски: Нашиот клиент е правно лице, независно локална или интернационална компанија, односно секое правно лице коешто создава или располага со одредена документација и информација, без разлика на обемот и формата – конвенционална и неконвенционална, а притоа сака безбедно и ефикасно да управува со сопствените информации. Секој оној којшто може да се препознае во сето горенаведено е наш потенцијален клиент.

Како компанија која управува и заштитува секаков вид на информација во Инбох немаме никакви ограничувања за тоа кој сè би можел да биде наш клиент согласно дефинираниот профил, односно, апсолутно е неважно од која индустрија доаѓа потенцијалниот клиент и со какви типови на документи располага, колкав обем на документи или информации има. Како документарен центар обезбедуваме заштита од неколку различни нивоа во зависност за каков вид и тип на информација станува збор. Согласно сето ова можеме да заклучиме дека без ограничување можеме да дадеме поддршка секому којшто располага со секаков вид на документација и информација.

Без ограничување можеме да дадеме поддршка секому којшто располага со секаков вид на документација и информација.

2. Од твоето досегашно искуство, колку бизнис заедницата во Македонија, општо колку јавноста е запознаена со аутсорсирање на процесите на архивирање и управување со документи? 

Тимковски: Моето искуство e од самите почетоци на компанијата Инбох, која воедно претставува и синоним за архивско работење и управување со документи на овие простори. Периодот на почетоците на компанијата е период во кој се соочивме и со целосна едукација на голем дел од компаниите за тоа како правилно да ги заштитат информациите и како ефикасно да постапуваат со истите. Но морам да истакнам дека добар дел од меѓународните компании кои гравитираат на територијата на РМ имаа солидни познавања од областа на архивското работење, односно беа запознаени со овој начин на работа, па навистина не само што бевме пријатно изненадени, туку и наидовме на одлична поддршка, а воедно добивме и можност за продлабочување на нашите знаење, како и за полесно совладување на препреките и искушенијата со кои се соочувавме како млада, но, пред сè, мошне амбициозна компанија.

Архивирањето и управувањето со информациите е жива материја и секогаш бара надградување и прилагодување, се разбира, во зависност од индустријата од која доаѓа клиентот, како и со какви информации располага. Инбох од своите почетоци се до денес направи целосно надградување во начините и техниките на управување и заштитата на информациите, при тоа целосно потпирајќи се на најдобрите и најсовремени светски практики и искуства.

3. Што мислиш, како е прифатен Инбох како бренд на пазарот? Дали го сметаат за доследен, доверлив бренд? 

Тимковски: 9 од 10те најуспешни компании во РМ се клиенти на Инбох. 80 од 100те најголеми компании во РМ се клиенти на Инбох. Од ова е јасно дека брендот Инбох е цврсто вграден во оперативните процеси на сите модерни и успешни компании во Македонија. И не само тоа, Инбох следејќи ги светските технолошки трендови веќе е препознатлив бренд и надвор од нашата територија. Нема да бидам лажно скромен и ќе кажам дека согласно начинот на којшто работиме и се развиваме, со градење на нови техники и технологии, сме рамо до рамо со светските компании од нашата дејност, а во тоа нè следат и нашите клиенти/партнери. Начинот на кој секојдневно растеме и се развиваме и при тоа сме отворени за соработка и соочување со новите предизвици во сите сегменти од нашето работење, нè прави да сме лидери во тоа што го работиме и секако, да имаме високо ниво на доверба од нашите клиенити и партнери.

9 од 10те најуспешни компании во РМ се клиенти на Инбох. 
80 од 100те најголеми компании во РМ се клиенти на Инбох.

4. Која е вредноста која ја добиваат клиентите од користењето на услугите на Инбох? 

Тимковски: Пред сè, секогаш се трудиме и приоритет ни е да ги задоволиме и осигураме сите потреби на нашите деловни партнери, да обезбедиме сигурност и ефикасност во архивското работење и целосното преземање на одговорноста од наша страна. 

Би сакал да потенцирам три предности од користењето на нашите услуги:

  • – Безбеден и неограничен пристап до сопствените информации преку најсовремена технологија, кои секогаш кога се потребни ќе бидат при рака на корисникот.
  • – Врвна безбедност и сигурност на архивата, документацијата и информациите кои ги содржат, како и зголемена употребна вредност на истите.
  • – Трансформација на подобро за секоја компанија, изразена преку примена на модерни практики и технологија.

5. Што би кажал повеќе за предизвиците на твоето работење и идни планови? 

Тимковски: Се вели, успехот не доаѓа кога ќе посакате. Тој доаѓа кога ќе постојат дефинитивни планови, силна желба и постојана упорност и активност. Токму овие зборови се не само моето, туку и мотото на нашата компанија. Планови имаме, силна желба уште повеќе, а токму силната желба и постојаната активност во секој сегмент се она што нè водеше до сега и она што ќе биде наша водилка и во иднина.